ГЕРМАНСКИ ПРОЕКТ ЗА АВТОНОМНА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА

ГЕРМАНСКИ ПРОЕКТ ЗА АВТОНОМНА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА (1917). Кон крајот на 1916 г. Командата на групата армии во Македонија подготвила (во договор со сојузничката Турција) прогласување на автономна држава Македонија. Офицерите и војниците од турскиот полк во Македонија (И 1917) пред населението зборувале (со одобрение од командантот на германската група армии Фон Билов) дека „Македонија ќе биде автономна, Македонија ќе им остане на Македонците”. Се сметало тоа да се спроведе со Организацијата ВМРО на Тодор Александров и на Александар Протогеров. Генералот Цудорна, политички советник на Фон Билов, на 20. Ⅰ 1917 г. го запознал полковникот Александар Протогеров (заменик на началникот на Македонската военоинспекциска област) за заинтересираноста Македонија да стане и „да остане автономна”. Протогеров го отфрлил предлогот со образложение дека „Македонија е дел од Бугарија, кон која веќе е присоединета”. ИЗВ.: Извор: ЦДИА-София, ф. 313, оп. 1, а.е. 2004, л.1–2; Величко Георгиев-Стојко Трифонов, История на България 1878– 1944, документи: Т. Ⅱ, 1912-1918, 515–516. М. Мин.

Напишете коментар