/ГЕВГЕЛИЈА

ГЕВГЕЛИЈА

ГЕВГЕЛИЈА – град во Гевгелиско-валандовската котлина: 15.685 ж. (2002 г.). Се простира од десната страна на р. Вардар и македонско-грчката граница во рамничарскиот дел на истоимената котлина. Непосредно покрај градот од источната страна поминува европскиот пат Е–75. Во ист правец води и железничката линија. Градот лежи на надморска височина од 60 м и зафаќа површина од 705 ха. Има променета средоземноморска клима со просечна годишна температура на воздухот од 14,2оС. Главен хидрографски објект во градот е Коњска Река која тече низ неговиот средиштен дел, а од источната страна поминува реката Вардар. На 4 км од градот во с. Негорци се наоѓа Негорска Бања. Денешниот град се развил од мала населба во втората половина на ⅩⅠⅩ в. Во 1863 г. во населбата имало само околу 60 куќи. Името доаѓа од зборот ѕевгар – два вола или зевгелија – ораница. Нејзиниот брз развој започнува по изградбата на железничката пруга СолунСкопје во 1873 г. Во 1886 г. станува каза и е прогласена за град. Во 1894 г. во Г. е изградена една од првите текстилни фабрики во Македонија, фабрика за свила позната под името „Филатура”. Располагала со 60 легени за точење свила и со два казана за кожурци, а во неа работеле 180 работници. Свиларството било главно занимање на населението. Кон крајот на ⅩⅠⅩ в. Г. имала околу 4.400 ж. од кои 3.000 ж. биле Македонци, 1.200 Турци и Черкези и малку Власи и Евреи. За време на Првата светска војна заради Гевгелија воените пустошења, а и во периодот меѓу двете светски војни како погранично место, стопанството во градот опаднало и населението се намалило. Во 1921 г. во Г. живееле само 2.878 ж. Позабрзан развој градот доживува од 1948 г. па наваму. Во 2002 г. Г. има 15.685 ж. Од нив 15.060 ж. или 96% се Македонци. Меѓу малцинствата најзастапени со 292 ж. или 1,9% се Србите, потоа следуваат Власите (201 ж. или 1,3%), Турците (28 ж.) и Ромите (12 ж.). Г. е седиште на општина која зафаќа површина од 48.343 ха, има 17 населени места со 22.988 ж. Изградените хидросистеми овозможиле експанзивен развој на градинарството и лозарството. Од индустриските објекти во Г. постои фабрика за конзервирање со ладилник „Зора”, повеќе мали конфекциски фабрики, фабрика за високофреквентна керамика, винарска визба со капацитет за преработка на 8.000 тони грозје, живинарска фарма и други помали индустриски капацитети. Во градот има гимназија, работнички универзитет, народен музеј со етнолошки, историски и археолошки оддел. Во непосредна близина на Г. од левата страна на Вардар, на Вардарски Рид е откриена стара македонска населба, која постоела пред, во времето и по владеењето на Александар Македонски. ЛИТ.: Митко Панов, Географија на СР Македонија, природни и социогеографски карактеристики, кн. И, Скопје, 1976; По-пис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 – кн. Ⅹ, Скопје, 2004. Ал. Ст.

2019-01-05T19:46:43+01:00 0 коментари