АТАНАСОВ, Петар

АТАНАСОВ, Петар (с. Ума, Гевгелиско, 25. Ⅻ 1939) – лингвистроманист, универзитетски професор. Основно и средно образование завршил во Гевгелија. Студиите ги завршил во Скопје на Групата за романска филологија на Филозофскиот факултет. Магистрирал во 1975 г. во Белград, а докторирал во 1979 г. во Скопје на тема „Мегленороманскиот денес. Фонетика и фонологија”. На Катедрата за романски јазици и книжевности ги предавал предметите: Романски јазик, Фонетика и фонологија на францускиот јазик, Историја на францускиот јазик, Споредбена граматика на романските јазици, Историја на италијанскиот јазик, а исто така и Балканска лингвистика за постдипломските студии при Филолшкиот факултет во Скопје. Бил шеф на Катедрата за романски јазици и книжевности во два мандата, претседател на Советот на Филолошкиот факултет, како и член на Универзитетскиот сенат. Добитник е на орденот Академски палми од Владата на Франција (1995). Објавил 13 речници и монографии. М. Марк.