ВУЛГАРИС, Леонидас

ВУЛГАРИС, Леонидас (1833 – ?) – син на Анастас Вулгарис, кој потекнувал од Пијанец и бил учесник во Грчкото востание. Се застапувал за соработка меѓу балканските народи во борбата против османлиското владеење. Се школувал во военото училиште во Пиреја. Во времето на Кримската војна се борел на страната на Русите во доброволечката единица Грчка легија. Во Грција бил затворен и обвинет за велепредавство (1862). Се обидел да крене востание на Халкидик (1866), бил уапсен, потоа ослободен по руска интервенција. Бил иницијатор за формирање Комитет за ослободување на народите на Истокот (1870), активен за време на големата источна криза (1875– 1881). Соработувал со Кумундурос, одржувал врски со Србите за заедничка акција против османлиската држава. Активно работел на формирање чети за испраќање во Македонија. Со Константин Буфски го организирал одржувањето на Собранието на Грамос Текеш и формирањето на Привремената влада на Македонија (1880), а учествувал и во составувањето на Прогласот на Силогосот „Македонија на Македонците“ до македонските народи. Бил еден од поистакнатите членови на организацијата Источна конфедерација во Атина. Се застапувал (писмо до Захарија Стојанов) за создавање слободна и неделива македонска држава во балканската федерација (1888). ЛИТ.: Ели Скопетатеа, Грчка и сарадња на Балкану (1875–1878): Случај Леониде Вулгарија, „Историски часопис“, књ. ⅩⅤⅠⅠⅠ, Београд, 1981; Славенко Терзић, Србија и Грчка, Београд 1992; Варбан Тодоров, Тхе социетѕ „Ориентал Цонфедератион“ анд тх итс ацтивитиес дуринг 80-тиес анд 90-тиес оф тхе 19 центурѕ, Балкан Студиес, 25/2, Тхессалоники, 1984. Д. Јов.