ВЕЧЕРНИ ШКОЛИ

ВЕЧЕРНИ ШКОЛИ – установи наменети за образование на возрасни, главно, вработени, со различни програмски ориентации: за основно образование, за професионално образование, вечерни политички школи, училишта за странски јазици и сл. Се јавуваат како последица на индустрискиот развој и потребата за зголемени знаења и вештини кај работниците. Посебно интензивен развиток бележат непосредно по ослободувањето на Македонија, кога речиси 70% од населението над десетгодишна возраст било неписмено. Работеле самостојно или во рам-ките на работничките универзитети. Во 1954 г. е донесен Закон за вечерните основни училишта, а во наредната година Закон за нижите вечерни гимназии. Работеле по посебни програми, приспособени на искуството на возрасните. Преку овие форми на образование, со основно, стручно и друг вид образование се здобиле значителен број возрасни луѓе, овозможувајќи им вклучување во производните и општествените процеси (в. Образование на возрасните во Македонија). ЛИТ.: К. Камберски, Од буквар до универзитет, Скопје, 1994. К. Камб.