БУЗЕВ, Трифун Петров (псевд.: Трајко; Трпко) (Воден, 28. Ⅷ 1889 – Скопје, 23. Ⅵ 1966) – текстилен работник, печалбар во САД и учесник во шпанската граѓанска војна. Во времето на Балканските војни дезертирал од турската армија и преку Солун заминал во Њујорк. Таму станал активист и раководител во синдикалното движење, а потоа и член на Комунистичката партија на САД (1924), поради што често бил апсен. Во затвори и логори минал вкупно 6 години. Заедно со други тамошни сонародници од Македонија, заминал за шпанија (10. Ⅰ 1937) и станал доброволец во ⅩⅤ интернационална бригада на Републиканската армија. Учестувал во борбите на 6 фронта, а дури петпати бил рануван (во борбите на Брунети и др.). Добил воен чин поручник, а по ранувањата извршувал санитетски должности. По повлекувањето (1939) се нашол во логор во Франција, од каде што успеал да избега и се вратил во САД. По Ослободувањето дошол да живее во Скопје (јануари 1947). БИБ.: Патот Мадрид-Валенција, На шпанската земја. Сеќавања на учесници во шпанската граѓанска војна, Скопје, 1961, 73-77; Патот Мадрид-Валенција, Македонци во шпанија, Скопје, јули 1968, 11-14; Патот Мадрид-Валенција, Во срцето на шпанија. Сеќавања на интербригадистите од Македонија, Скопје, 1975, 205-206; Камуфлирани лекари, на истото место, 206-207; На лекување, на истото место, 207. ЛИТ.: Во срцето на шпанија. Сеќавања на интербригадисти од Македонија. Скопје, 1975, 239; Д-р Симо Младеновски, Учеството на Македонците во шпанската граѓанска војна, Во Интернационалните бригади на шпанија. Зборник. Скопје, 1989, 223. С. Мл.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.