БУГАРСКОТО ИМЕ ВО МАКЕДОНИЈА

БУГАРСКОТО ИМЕ ВО МАКЕДОНИЈА – прашање што е создадено од историјата и се користи од актуелната политика и стратегија до денеска. Се појавило во втората половина на IX в. со експанзијата на бугарската држава и воспоставувањето бугарска власт во Македонија (864), која се одржала повеќе од едно столетие. Особено во Византија, која на Бугарската држава $ ги признала освоените земји и титулата на бугарскиот владетел Петар Ⅰ како „цар на Бугарите“, сите поданици на државата биле нарекувани Бугари. Употребата на имињата Бугарија и Бугари се одржала и по пропаѓањето на Бугарското Царство (971). Пред крајот на Ⅹ в., северозападните области на дотогашната Бугарија биле под власта на средновековната држава на ца-рот Самуил. За Византија новото царство претставувало продолжување на признаеното пропаднато Бугарско Царство. Тоа нашло одраз и во византиските извори.Ⅰза Јован Скилица и Поп Дукљанин Самуиловото Царство било „Бугарија“, а неговите поданици биле Бугари. Царот Самуил се сообразил со духот на времето и за истакнување на својот царски престиж веројатно ја поддржал традицијата на пропаднатото Бугарско Царство. Затоа византискиот владетел Василиј Ⅱ (по 1018) Македонија, којашто била центарот на Самуиловото Царство, ја нарекол тема Бугарија, а територијата меѓу р. Дунав и Стара Планина ја нарекува Паристрион. Во тој период бугарското етничко обележје се употребувало само во Македонија. Од крајот на Ⅻ в., кога било возобновено Бугарското Царство, кое се одржало до крајот на ⅩⅣ в., бугарското име било реафирмирано во Бугарија. По 1395 г., кога конечно пропаднало средновековното Бугарското Царство и Бугарија се нашла под власта на османлиската држава, оваа вовела единствено управно име Румелија (за сите свои балкански владенија). Бугарското политичко име било истиснато од употреба. Меѓутоа, во титулата на Охридската архиепископија бугарското етнокултурно именување се задржало и тоа имало влијание во послешниот развиток. Во првите векови на османлиското владеење е посведочена инцидентна употреба на бугарското име за Словените во дијацезата на Охридската архиепископија. Познатиот турски патописец Евлија Челебија (ⅩⅤⅠⅠ в.) пишува за Бугари и во Сараево и во Белград. И охридските архиепископи придонесле за посведочување за бугарското име при нивните бројни патувања и други контакти и врски со европските владетелски династии со титулирањето како архиепископи „и на Бугарија“. Архиепископот Атанасиј И, на пр., кој на архиепископскиот престол на Охридската архиепископија бил пред крајот на ⅩⅤⅠ и во почетокот на ⅩⅤⅠⅠ в., се титулирал „со божја милост архиепископ на Јустинијана Прва Охридска, Бугарија, Србија, Албанија, Влашка, Молдавија, Литванија, патријарх на Русија“. Во ⅩⅠⅩ в. и словенската и православна Русија извршила пресудно влијание за наметнувањето на бугарското име во Македонија. Раководена од сопствените стратегиски интереси на Балканот, од позиција на сила заштитничка на православните во Османлиското Царство, дејствувала за разрешување на македонското и бугарското црковно прашање како единствено и под бугарско име. Во 1870 со султанскиот акт била создадена Бугарската егзархија и $ била дадена условна црковна власт и во Македонија. На тоа му претходело и ангажирањето на руските слависти за придобивање приврзаници на бугаризмот во Македонија. На македонското црковно движење за самостојна црква со обновување на Охридската архиепископија и развитокот на преродбенскиот процес, на борбата за македонски литературен јазик и книжевност, како и на послешната борба за политичко ослободување и своја државност, им се припишувал бугарски карактер. И панславистичката идеја, во согласност со политичките и стратегиските интереси на Русија, била трансформирана во балкански панбугаризам. Идеен втемелувач и пропагатор бил хилендарскиот монах Паисиј од Банско (ⅩⅤⅠⅠⅠ в.), инспириран од пишувањето на М. Орбини и Ј. Раиќ и некои други древни записи во атонските манастири. По формирањето на Бугарската егзархија главниот легитимен спроводник на овој процес во Македонија бил егзархот. Со озаконетото образование на бугарски јазик и со бугарските книги и весници систематски се наметнувало и се зацврстувало и бугарското име во Македонија. По 1878 г. Бугарското Кнежевство го презело раководењето и финансирањето на пропагандната дејност преку Егзархијата како легална бугарска црковна институција во Османлиското Царство, а подоцна и непосредно преку своите претставништва – трговските агентства во Македонија. Таква улога имале и сите бугарски државни образовни институции во кои се школувале Македонците, кои, поради блискоста на јазикот, брзо ја усвојувале бугарската литературна норма. Декларираните Бугари од Македонија добивале позиции во бугарските национално-политички, образовни, културни и научни институции, во армијата и во државната администрација, како и во дипломатијата и во Владата, и ревносно го експонирале бугарското име, застапувајќи се и за присоединување на Македонија кон Бугарија. Со организирањето на многубројната егзистенцијално зависна македонска емиграција и со инструментализирањето на голем нејзин дел во спроведувањето на големодржавната политика, бугарското влијание се засилило. Бугарската влада, владетелот, дипломатските претставници, печатот, науката и публицистиката систематски го наметнувале бугарското име за македонскиот народ пред Портата и пред локалните власти на османлиската држава, како и во односите со другите држави и пред европската јавност. Создавале убедување за бугарско население во Македонија, за „македонски Бугари“ и Македонија како бугарска земја. Заради тоа присоединување на Македонија, Бугарија војувала во двете балкански и во двете светски војни. За да се здобие со меѓународно верификувано признавање на бугарското име за македонскиот народ, со тоа и легитимитет за претензиите кон Македонија, во Нејскиот мировен договор (1919) прифатила обврска и потпишала конвенција со Грција за размена на грчкото малцинство во Бугарија за „бугарското малцинство“ во Грција. За опстојувањето на Бугарија на таа своја позиција силно влијаеле и бугаризираните Македонци раководени од Врховниот македонски комитет во Софија (1895), Сојузот на бугарските конституциони клубови (1908–1909) и ВМОРО на Тодор Александров (1911– 1918), а по Првата светска војна Извршниот комитет на македонските братства и ВМРО, под раководство на Тодор Александров и Иван Михајлов, додека по 1989 г. таа улога ја игра ВМРО-СМД во Бугарија. На овој план суштествено придонесла и компромисната и национално недефинирана платформа на ТМОРО / ВМОРО во илинденскиот период, истакнувајќи ја како основа политичката програма за автономија на Македонија. Од таа основна позиција настапувале сите овие фактори и пред меѓународните инстанци на мировните и на други меѓународни конференции. Во Пиринскиот дел на Македонија во периодот по 1912 г., како впрочем и во другите делови на Македонија, бугарското име легално било наметнувано од органите на бугарската државна власт, од бугарската црква, од образовните и културните институции и печатот. Денационализацијата и прифаќањето на бугарското име добиле особено широки размери и кај македонската емиграција во Бугарија. Пред крајот на 1944 г., по државниот преврат во Бугарија, државното раководство ја призна создадената македонска национална држава (во Федеративна Југославија) и беше овозможено афирмирање на македонското национално име, јазикот, историјата, литературата и културата и во Пиринскиот дел на Македонија. Но по Резолуцијата на ИБ за КПЈ (1948) бугарското државно раководство се врати на старите позиции на непризнавање на македонскиот народ, прогласи дека македонската нација во НР/СР Македонија се создавала врз антибугарска основа, ја про-должи старата политика да не признава Македонци во Бугарија, ниту пак македонско национално малцинство во Пиринскиот дел на Македонија. Република Бугарија и по напуштањето на тоталитарниот режим и прогласувањето на демократскиот парламентарен систем (1989) остана на истата позиција. Во Бугарската национална доктрина (1997 и 1998) целиот македонски народ е претставен како „бугарско население“, а Македонците каде и да се во светот како – Бугари. ЛИТ. Милан Бошкоски, Имињата Македонија и Македонци во средновековните извори, Скопје, 2003; П. Коледаров, Името Македония в историческата география, София, 1985; Българската държава през вековете, 1, София, 1982; Блаже Ристовски, Историја на македонската нација, Скопје, 1999; Блаже Конески, Македонскиот ⅩⅠⅩ век. Јазични и книжевноисториски прилози, Скопје, 1986. М. Мин. Антон Семјонович Будилович

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.