БЕРОВО

БЕРОВО – град во источниот дел на Република Македонија со 7.002 ж. (2002). Се наоѓа во Малешевската Котлина на крајните северни ограноци на Малешевските Планини од двете страни на р. Брегалница. Зафаќа површина од 224 ха. Има умерено-континентална клима. Како населба почнала да се формира во средината на ⅩⅤⅠⅠ в., кога жителите од околните села во Малеш почнале да се „берат” во караванската станица по што таа го добила и името Берово. Од 1900 до 1931 г. населението во Б. стагнира, потоа од 1948 г. па наваму бележи благ пораст и во 2002 г. во градот живееле 7.002 жители. Од нив 6.404 или 91,5% биле Македонци, 459 или 6,5% Роми, 91 или 1,3% Турци, Срби 14, Власи 6, Бошњаци 3 и други 25 жители. Б. е седиште на општина која зафаќа површина од 59.807 ха, има 9 населени места со 13.941 ж. Од индустриските објекти во градот поважни се фабриката за памучни ткаенини „Малешевка”, дрвниот комбинат „Огражден” и рудникот за јаглен „Ратевски ширини”. Б. е центар на развиено овоштарство, посебно за одгледување сливи. Берово со околината располага со поволни услови за развој на туризмот. Тоа особено се однесува за климатските, хидрографските и пејзажните погодности. Познати се туристичките локалитети: Абланица, Лаките, Бреза, Клепалска Река, Ратевско Езеро и др. На брегот на Ратевско Езеро е изграден центарот за одмор и рекреација „Малешево”, во кој има објекти со 150 легла, а во градот хотел „Македонија”. Во Б. се наоѓа манастирот „Св. Арханѓел Михаил”, со црква изградена во 1818 г. Во конаците на манастирот и порано и сега живеат калуѓерки. Со манастирот тесно се поврзани настани од познатите востанија на македонскиот народ – Разловечкото и Илинденското. Тој е ставен под заштита на законот и во него е сместен музеј во кој е прикажано историското минато на Малешевијата. Во Б. има гимназија, библиотека, здравствен дом. ЛИТ.: Кирил Милјоски и др., Економски потенцијали на општина Берово, МАНУ, Скопје, 1985. Ал. Ст.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.