БАЛКАНСКИ СОЈУЗ (1953–1955)

БАЛКАНСКИ СОЈУЗ (1953–1955) – сојуз меѓу Кралството Грција, ФНР Југославија и Република Турција создаден со Договорот за пријателство и соработка во Анкара (28. Ⅱ 1953). Бил потпишан дополнителен договор кон Анкарскиот договор (7. XI 1953) во Белград, Тајна конвенција потпишана во Анкара (28. Ⅱ 1954), Договор за сојуз, политичка соработка и заемна помош на Блед (9. Ⅶ 1954) и Договор за создавање Балканско советодавно собрание во Анкара (2. Ⅲ 1955). Сојузот за трилатерална соработка бил трансформиран во воен сојуз за обезбедување територијален интегритет и политичка независност. Се воспоставил систем на колективна безбедност на државите-потписнички. Договорот за сојуз бил потпишан со важност од дваесет години. За ефикасно функционирање на Сојузот било договорено воспоставување Постојан совет, составен од министрите за надворешни работи, и Советодавно собрание, составено од претставници на парламентите на трите држави, како заеднички орган. До реализација не дошло поради промените во надворешната политичка позиција на Југославија. ЛИТ.: Меѓународни уговори Федеративне Народне Републике Југославија, 3, Београд, ДСИП, 1953; 1, 1955. М. Мин.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.