АНТИЧКИ МАКЕДОНЦИ

АНТИЧКИ МАКЕДОНЦИ – палеобалканска популација од индоевропско потекло; посебен ет-нос што се формира во Ⅷ в. пр.н.е. од популации што уште во Ⅲ милениум го населуваат Централниот Балкан. Во етногенезата на Македонците влегуваат повеќе етноси што живееле на територијата на античка Македонија: Бриги (Фриги во Мала Азија), Пајонци, Пелагонци, Линкести, Енгелани, Дасарети, Орести, Еордаи, Елимеи, Ботиајци, Пиеријци, Алмопи, Мигдонци, Крестонци, Бисалти, Еордајци, Едони и др. помали етноси. Во Ⅷ в. започнува процесот на обединување на македонските племиња во единствена држава со македонските кралеви од династијата Аргеади, која прераснува во светска империја во времето на Александар Ⅲ (336–323 г. пр.н.е.). Античките извори сведочат за посебноста и другоста на а. Македонци во однос на др. соседни етноси: Хелени, Тракијци, Илири. Античкиот театар во Хераклеја (Ⅱ в.) Посебноста се препознава по: македонската басилеја (монархија) со наследна династија и „македонски закони” (сп. античките политиколози); посебните но и општите балкански обичаи, обреди и свечености посветени на македонските божества и на митските херои Каран, Темен, Македон, Мида, култовите (култ на водата Беди, култ на сонцето, кучето) и мистичните култови на божествата: Бакхос, Сабасиос, Ѕеирена, Херакле, Орфеј, Музи; посебниот македонски јазик (според Хелените, Македонците се „барбари”, поради различниот менталитет, а јазикот им е „барбарски” – неразбирлив). Покрај многубројните потврди кај античките автори за посебниот македонски јазик, објавени и недоволно етимолошки потврдени се само 150 македонски глоси, кои покажуваат дека македонскиот е индоевропски јазик, сроден со бригискиот и со другите индоевропски јазици. По паѓањето на Македонија под римска власт (146 г. пр.н.е.) започнува процесот на романизирање на населението. Присуството на римските војски, но и на Готите, Хуните, Аварите и Словените носи промени во етничкиот состав на автохтоното население. Словенскиот етнос, како доминантен, влегува во етногенезата на Македонците, ги наметнува словенскиот јазик и словенската култура, а христијанството, кое се шири од самиот почеток (воⅠ.в. н.е.), во Ⅳ в. станува главно обележје на Македонците, коешто е потврдено со многубројните христијански базилики и сесловенски просветители. ЛИТ.: Херодотус, 4 Волс., Харвард Универитѕ Пресс, 1960; Тхуцѕдидес, 4 Волс., Харвард Университѕ Пресс, 1958; Полѕбиус, Тхе Хисториес, 6 волс. Харвард Университѕ Пресс, 1960; Н. Г. Л. Хаммонд, Тхе Мацедонин Стате, Оџфорд, 1989; Е. Петрова, Бригите, Скопје, 1996; Н. Проева, Студии за античките Македонци, Скопје, 1997; Историја на македонскиот народ, 1, Скопје, 2000; Ф. Папазоглу, Историја на хеленистичкиот период, Скопје, 1995; М. Бошкоски, Имињата Македонија и Македонци во средновековните извори, Скопје, 2003; А. шукарова, Филип Ⅱ Македонски и атинските ретори, Скопје, 2003. А. шук.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.