//АКАДЕМСКО ДРУШТВО МАКЕДОНИЈА

АКАДЕМСКО ДРУШТВО МАКЕДОНИЈА

АКАДЕМСКО ДРУШТВО МАКЕДОНИЈА . (Женева, 1915) – продолжение на Академското друштво на македонско-одринските студенти во Женева (швајцарија) по Илинденското востание (1904), а по почнувањето на Првата светска војна обновено под името „Македонија”. Организатори на Друштвото: Анастас Коцарев (Охрид), Петар Здравев (Тетово), Димитар Несторов (Струга), Трифун Греков (Ениџе-Вардар), Благој Тошанов (Штип), А. Копандонов и Александар Крајчев (Велес) и др. Во истата година и група македонски студенти на Циришкиот универзитет го формираат Политичкото друштво „Македонија на Македонците”, во следната година во Лозана е конституирано Политичкото друштво „Македонија – за одбрана на правата на Македонците”, а во Женева Политичко друштво за независност на Македонија. Подоцна постојат 25 македонски друштва во швајцарија што во времето на Версајската мировна конференција формираат и Главен одбор на македонските друштва во швајцарија (Лозана, 1919) за одбрана на целоста и државната конституција на Македонија. Печатен орган е сп. „Л’Индепенданце Мацéдониенне”. ЛИТ.: Љубен Лапе, Активноста на Главниот одбор на македонските друштва во швајцарија 1918-1919 г. и документацијата за тоа, „Гласник на ИНИ”, IX, 1, 1965, 131-191; Љубен Лапе, Придонесот на македонските студенти во странство за развитокот на македонската национална мисла и одбрана на македонскиот национален индивидуалитет. Моменти од работата на неколку студентски друштва, „Историја”, 2, Скопје, 1970; Михајло Миноски, Федеративната идеја во македонската политичка мисла, Скопје, 1985. Бл. Р.

2019-01-05T18:11:36+00:00 0 коментари