ЈОВАНОВИЌ, Петар

ЈОВАНОВИЌ, Петар (с. Добрачи, Крагуевац, 10. Ⅲ 1893 – Белград, 15. XI 1957) – српски географ. Основно образование завршил во Добрачи, а гимназија во Крагуевац. Филозофски факултет, група Географија, започнал во Белград, продолжил во Рим и Париз, а завршил во Белград (1920). Докторирал на Филозофскиот факултет во Белград (1922). Бил асистент на Јован Цвииќ (1919–1922), а од 1922 до 1941 г. доцент, вонреден и редовен професор на Катедрата по географија при Филозофскиот факултет во Скопје, која и ја основал. Потоа заминал во Белград, каде што работел на Институтот за географија при Филозофскиот факултет. Тој е основач на Географскиот институт при САНУ и негов управник сè до 1957 г. За редовен член на САНУ е избран во 1948 г. Учествувал како експерт во делегацијата на ФНРЈ на Министерската конференција во Лондон (1945) и на Светската мировна конференција во Париз (1946). Научниот опус на академик П. Ј. опфаќа 26 труда од областа на геоморфологијата, 4 од областа на антропогеографијата, 2 од областа на регионалната географија и 21 од другите географски дисциплини. БИБ.: Абразиони и флувијални елементи рељефа Поречког басена, „Гласник Географског друштва”, св. ⅩⅠⅠⅠ, Београд, 1927; Глацијација Јакупице. Посебна издања Географског друштва, св. IX, Београд, 1928; Рељеф Скопске Котлине, „Гласник Скопског научног друштва”, књ. Ⅹ, Скопље, 1931. Ал. Ст. Ацо Јовановски