ШУМСКИ РАСАДНИК

ШУМСКИ РАСАДНИК – посебно уредена површина за производство на садници за пошумување или за озеленување на населби. Садниците се произведуваат наменски, со одбрани технолошки постапки и методи на одгледување, продуктивно и економично, а со единствена цел – производство на висококвалитетни садници. Во РМ со шумски расадници располагаше речиси секое шумско стопанство. Бројот на произведените садници беше во тесна корелација со динамиката на пошумувањето. До 1979 г. се произведуваа 3–3,5 милиони садници, а по формирањето на Републичкиот фонд за пошумување на голините и воведувањето на линиите за контејнерско производство, тој број десетпати се зголеми. До 1980 г. со расадничко производство се занимаваа 21 шумскостопанска организација. Производството се одвиваше во 38 расадници, со вкупна површина од 65.2 ха. По воведувањето на контејнерскиот систем на производството на садници, извесен број од малите расадници престанаа да работат. По 1990 г. производството на садниот материјал драстично се намали, контејнерските линии запреа, а класичното производство е сведено на минимум. Ал. Анд.