ЧАШУЛЕ, Коле

ЧАШУЛЕ, Коле (Прилеп, 2. Ⅲ 1921) – раскажувач, романсиер, драмски писател, публицист и дипломат. Средно образование завршил во Битола, потоа студирал медицина во Белград, но по окупацијата на Југославија од страна на германските окупатори, се враќа во родниот град, каде што учествува во подготовката и кревањето на Антифашистичкото востание од 11 октомври 1941 г., а потоа во Народноослободителната војна (1941–1944). По ослободувањето на земјата бил на разни функции во општествениот живот: директор на Радио Скопје, директор на Драмата при МНТ, главен и одговорен уредник на списанието „Разгледи“, потоа бил југословенски конзул во Канада и амбасадор на СФРЈ во Боливија, Перу и во Бразил. Член е на ДПМ од 1947 год. Почесен член е на МАНУ (од 2003). За творештвото на Коле Чашуле имаат пишувано речиси сите позначајни македонски критичари и писатели (Старделов, Ѓурчинов, Ал. Спасов, Г. Тодоровски, Јован Бошковски, М. Матевски, А. Алексиев, М. Друговац, П. Т. Бошковски, Т. Чаловски и др.). „Книжевното творештво на Коле Чашуле – вели Г. Тодоровски во една од своите студии за творештвото на овој автор – создавано главно како паралелен тек на една негова богата и динамична општествено-политичка актива, ја населува македонската литература во неколкуте децении од средината на овој век, во временски растег што само досега изнесува повеќе од три децении, а по своето значење за повоениот бујат растеж на нашата култура и уметност претставува мошне забележлив прилог…“ БИБ.: Драми: Една вечер, 1948; Последните гаврани, 1950; Вејка на ветрот, 1957; Бразда, 1958; Црнила, 1960; Игра или социјалистичка Ева, 1961; Градскиот саат, 1965; Вител, 1966; Партитура за еден Мирон, 1967; Земјаци, (1967), Тројца и вистината, 1967; Како што милувате: Оставка на еден карипски министер за внатрешни работи или Достага на самиот врв од највисоката власт, 1975; Суд, 1978; Житолуб, 1981; Дивертисман за еден Стрез, 19671990; Роднокрајци, 1987; Тибурсио и Синфороса, 1988; Вејка, два, 1989; Сон прв, 1991; Сон втор и по него друг, 1992; Модус мориенди, 1992; Лакримула, 1993; Маркучот во четири гласа 1995. Романи – Прос-тум, 1970; Премреже, 1-2 (1977); Вомјази, 1981; Имела, 1982; Горчила, 1983; Канадски фрагменти, 1985; Конзулски писма, 1987; Така е, ако ви се чини, 1994; Лимб, 2002; раскази: Првите дни, 1950; Раскази, 1953; Само сказни, 2000; Ништо, 2003; есеи: Записи за нацијата и литературата, 1985, Нови записи, 1989, Македонски дилеми, 1992; Резиме за мојата генерација, 1998; Болно племе, 2000; А, бре, Македонче, 2003; Тој што нема име, роман, 2004; Патот од себеси, роман, 2006; Чинким велена, 2009; Антимемоари, 2009. ЛИТ.: Милосав Мирковиќ: Луѓето и симболите во драмите на К. Чашуле, Ⅴ Рацинови средби, 1968; Г. Тодоровски: Читајќи го Чашуле, Избрани дела, Ⅸ, Скопје, 2006. П. Гил. Слободан Чашуле