ЦЕКОВ, Јордан (Дане) Денков – (Куманово, 15. Ⅶ 1921) – комунистички деец, првоборец, воен командант и артилериски полковник на ЈНА, општественик и публицист. Бил член на СКОЈ (1938), а по Априлската војна учествувал во прибирањето оружје и муниција (12. Ⅹ 1941) за вооружување на Козјачкиот и Карадачкиот НОПО и работел во партиската техника на МК на КПЈ во Куманово (јули–август 1941). Бил еден од организаторите на ученичкиот Јордан (Дане) Цеков штрајк (септември 1941), соработник на илегалниот в. „Октобрис“ (1942), член на КПЈ (февруари 1943) и на МК на КПЈ (март 1943) и секретар на МК на СКОЈ во Куманово (мај 1943). Бил борец на Вториот јужноморавски НОПО (26. Ⅵ 1943), командир на чета на Кумановскиот НОПО (2. Ⅷ 1943) и на Кумановскиот НО баталјон „Јордан Николов“, командант на Единаесеттата македонска НО бригада и на Третата македонска НОУБ (септември 1944), по што го добил чинот мајор (1. ⅩⅠⅠ 1944). По Ослободувањето ја завршил Вишата офицерска артилериска школа во Ленинград (1945) и бил именуван за командант на артилеријата на пешадиска и тенковска дивизија. Кога ја завршил и Вишата воена академија на ЈНА (1951-1953) бил именуван за командант на артилериски полк, а потоа е пензиониран со чин полковник (1956). Подоцна извршувал поголем број општественополитички функции – републички пратеник, раководител на Републичкиот фонд за научна работа (април 1961 – септември 1967), стручен и виш стручен соработник на ИНИ во Скопје (октомври 1967 – октомври 1979). Носител е на Партизанска споменица 1941. БИБ.: УШТЕ нешто за ослободувањето на Скопје, Виорни дни, Скопје, 1957, 249–251; Борбата на Дренок, „Културен живот“, В, 9–10, Скопје, 1960, 22–24; Третата македонска ударна бригада во борбите за ослободување на Скопје, Документи и материјали за ослободувањето на Скопје, кн. И, Скопје, 1968, 165–174; Кумановска околија во НОБ (од 16. Ⅱ 1943 до 26. Ⅱ 1944 година), Куманово, 1969; Петнаесетина дена со велешките партизани, Велес и Велешко во НОВ 1942, Титов Велес, 1969, 165–169; Третата македонска бригада и Косовскиот одред до средината на мај 1944 година, Куманово, 1969; Борбените дејствија на Третата македонска ударна бригада пред и за време на ослободувањето на Велес, Велес и Велешко во НОВ 1943 – 15 мај 1945 година, Титов Велес, 1977, 291–300; Документи. Куманово во НОВ 1941–1942, Куманово, 1980; Револуционерната дејност во куќата на Денко Цеков, „Беседа“, Ⅷ, 23–24, Куманово, 1981, 108–121; Страшо Пинџур во Куманово во втората половина на јануари 1942 година, Тиквешијата во НОВ, 1941–1945, кн. седма: Страшо Пинџур, народен херој, Кавадарци–Неготино, 1985, 242–247; Земското советување на организациите на СКОЈ во гимназиите во Македонија 1942 година, „Историја“, ⅩⅩⅠ, 1, Скопје, 1985, 99–109; Учеството на Третата бригада во ослободувањето на Велес, Осмата македонска ударна бригада, Титов Велес, 1988, 242–247; Кумановско во НОВ 1941–1945. Прилози за историјата на Куманово и Кумановско во НОВ 1941– 1945, И, Куманово, 1989; Панче Пешев – казна што обвинува, Куманово, 1989 (и Скопје, 2002); Кумановско во НОВ (1941– 1945). Прилози за историјата на Куманово и Кумановско во НОВ 1941–1945, И и Ⅱ, Скопје 2002; Трајко Стојковски-Бузо – херојство и примитивизам, авторско издание, Скопје, 2005. С. Мл.