ФОРМИ НА БИЗНИС-ОРГАНИЗАЦИИ

ФОРМИ НА БИЗНИС-ОРГАНИЗАЦИИ. Поаѓајќи од трите основни форми на бизнис-организациите (фирма во индивидуална сопственост, партнерство и корпорација), Законот за трговски друштва ги изведува соодветните еквиваленти на бизнис-организациите во РМ: трговец-поединец – физичко лице регистрирано да врши трговска дејност определена со закон, при што за своите обврски сноси неограничена одговорност со сиот свој имот; јавно трговско друштво – партнерство помеѓу две или повеќе физички и правни лица, кои за обврските на друштвото одговараат неограничено и солидарно со сиот свој имот; командитно трговско друштво – трговско друштво во кое се здружуваат две или повеќе физички и правни лица, при одговара за обврските на друштвото лично, со сиот свој имот, односно неограничено и солидарно, ако се најмалку два содружника (комплементар), а најмалку еден содружник одговара за обврските на друштвото само до износот на запишаниот влог во друштвото – командитор; друштво со ограничена одговорност – може да биде формирано од ед-но или од повеќе физички и правни лица (најмногу 50 содружници), кои учествуваат со по еден влог во однапред договорената основна главнина на друштвото, при што влоговите можат да бидат со различна големина. Основачите, за обврските на друштвото, одговараат само до висината на нивниот влог и управуваат со друштвото пропорционално на нивниот влог; акционерско друштво – вообичаена форма на бизнис-организации за покрупни претпријатија – кај нас е задолжителна доколку како основачи на друштвото се јават повеќе од 50 лица. Акционерите можат да бидат друштва или физички лица. За обврските на друштвото сносат ограничена одговорност до висината на вложениот капитал. Акциите слободно се продаваат на македонската берза, а акционерите немаат обврска претходно да им ги понудат на другите акционери во друштвото. Законот за трговски друштва од 2004 г. содржи одредба (член 28) според која содружниците на друштвото со ограничена одговорност и акционерите на акционерското друштво (кои, за обврските на ДОО т.е. на АД, сносат ограничена одговорност – до нивото на вложениот капитал), во определени ситуации за обврските на друштвото можат да одговараат неограничено и солидарно: доколку го злоупотребиле друштвото за постигнување сопствени, забранети цели, доколку го злоупотребиле друштвото за да им нанесат штети на доверителите, доколку со имотот на друштвото располагаат спротивно на законот и доколку во своја корист или во корист на друго лице го намалиле имотот на друштвото. ИЗВ.: Закон за трговски друштва, „Економист“, Скопје, мај 2004. Т. Ф.