ТОШЕВ, Димче Наумов (Прилеп, 20. ⅩⅠⅠ 1919 – Скопје, 3. Ⅴ 2004) – редовен професор (1966) на ПМФ, Институт за хемија (во пензија од 1. Ⅹ 1985). Гимназија завршил во Битола, а во 1938 г. се запишал на студии по хемија во Белград. Дипломирал во 1943 г. на Природно-математичкиот факултет во Софија, а докторирал (1959) во Скопје. Прв асистент на Катедрата за хемија на Филозофскиот факултет во Скопје (1946). Во 1947 г. е избран за предавач, а потоа за доцент (1954), за вонреден професор (1961) и за редовен професор (1966) по предметот неорганска хемија на ПМФ во Скопје. Изведувал настава по хемија за студентите по хемија, биологија, физика, медицина и стоматологија, како и за студенти на Педагошката академија. Научната работа му е од областа на неорганската и аналитичката хемија. Објавил над 40 трудови, предимно во домашни списанија. Во докторската дисертација ја испитувал растворливоста на некои соли во зависност од составот на растворувачот. Сам или заедно со своите соработници ги испитувал содржината на микроелементите во тутуните од Македонија, застапеноста на флуорот во различни природни продукти и во водите и особено својствата и составот на водите за пиење во населените места. Работел врз номенклатурата на неорганската хемија, терминологијата по хемија на македонски јазик и методско-педагошките прашања на наставата по хемија. Автор и на универзитетски учебник по неорганска хемија и на повеќе средношколски учебници по хемија. Бил прв шеф на Хемискиот институт, продекан и декан на ПМФ и прв декан на Хемискиот факултет. Бил и претседател на Советот на ПМФ, претседател на Друштвото на природњаците на СРМ, потпретседател на Унијата на хемиските друштва на СФРЈ, претседател на Друштвото на хемичарите и технолозите на СРМ, член на Комисијата за изработка на номенклатура по неорганската хемија при Унијата на хемиските друштва на СФРЈ и член на Комисијата за изработка на терминологијата по хемија. ЛИТ.: Природно-математички факултет – Скопје, 1946–1996, Скопје, 1996, 224; 60 години Природно-математички факултет – Скопје, Скопје, 2006, 250–251. Б. ш.