СОКОЛСТВОТО ВО ВАРДАРСКА МАКЕДОНИЈА

СОКОЛСТВОТО ВО ВАРДАРСКА МАКЕДОНИЈА – српско спортско движење. Организирано се јавува со формирањето на друштвата во Куманово (1909), Скопје (1910), Тетово (1910) и Крива Паланка (1912). Нивните управи ги оформувале главно просветните работници и други угледни Срби, а членството – претежно ученици. Друштвата биле членови на Сојузот на српските соколски друштва „Душан Силни“ во Белград. Имале исти униформи, исти содржини за работа, исти команди и др. Српските државни органи и Сојузот им давале финансиска, стручна и друга помош. Рајко Караклаиќ, учител по гимнастика, бил испратен од Србија на работа во Скопската гимназија (1909). Учителите Ѓорѓе Божиновиќ и Милое Закиќ од Куманово стручно се усовршувале во Ниш и Белград (1909 и 1910). Друштвата вежбале на отворен простор, повремено приредувале јавни настапи и приредби со гимнастички, спортски и културноуметнички содржини. Некои учествувале и на слетовите на Косово, во Белград и во Прага (1910–1912). По војните (1912–1918) активноста на друштвата била обновувана и биле основани нови. Била формирана Соколска жупа во Скопје (1923). Бројот на друштвата во Македонија бил: 1923 г. – шест со 1.514 припадници од двата пола (добротвори, почесни и редовни членови, подмладок и деца), 1929 – тринаесет со 2.285 припадници. По основањето на Сојузот на соколите на Кралството Југославија (ССКЈ, 1929) на чело со престолонаследникот Петар Ⅱ, нивниот број значително се зголемил и биле основани голем број селски чети. Нив ги имало во: 1935 г. – 32 друштва и 90 чети со 7.797 припадници, 1939 – 32 друштва и 108 чети со 13.198 припадници. Членовите на управите на друштвата биле главно од редовите на Србите, а старешините – најчесто виши офицери, истакнати чиновници и просветни работници. Финансиските средства во најголема мера биле прибирани од сопствени извори, а за Жупата и од буџетот на државата, кои подоцна биле зголемени (од 1930). Главно од сопствените извори и со извесна помош од државата, биле изградени соколски домови во: Скопје два, а по еден во Куманово, Прилеп, Гостивар, Кочани, Кичево, Радовиш, Кратово, Берово, Битола, Дебар и други градови, како и во селата: Миравци, Негорци, Смоквица, Пирава, Ростуше и др. Во некои места (Велес, Струмица и др.) домовите биле обезбедени со адаптација на стари згради. Домови имало: 1930 – шест, 1935 – седумнаесет, 1940 – триесет и четири. Тие во основа биле опремени со гимнастички справи и реквизити. Истовремено биле градени и летни вежбалишта (од 1921). Недостигот на стручни кадри бил решаван со одржување на сојузни и жупски предњачки курсеви. Активните членови редовно вежбале со справи, на справи, прости, строеви вежби, марширање и друго, имале активности и од атлетиката, а во поразвиените друштва во помала мера и од стрелаштвото, велосипедизмот, кошарката, одбојката, скијањето и др. Повремено, по разни поводи, биле приредувани и јавни часови, дефилеа, академии, натпревари, жупски и покраински (југословенски) слетови. Соколи од Македонија учествувале на сите соколски слетови во државата и во Прага, како и на јуначките во Софија. Покрај тоа, систематски се негувани и некои културнопросветни активности во друшДел од присутните на денот на пуштањето во употреба на Соколскиот дом во Куманово твата и во четите (од 1923, а особено по 1930 г.): разни предавања, аналфабетски курсеви, биле основани библиотеки со читални, разни оркестри, хорови, драмски секции и др. Во соколските чети било посветувано внимание и на изградбата на хигиенски објекти, набавката на современи алати, набавката на нови видови семиња, садници, добиток, на пошумувањето (особено од 1935). Биле основани земјоделски, здравствени и други селски задруги. Соколската организација одржувала тесни врски со сите државни органи, со војската и со училиштата. Тргнувајќи од утврдени принципи, нејзиниот однос кон верските заедници бил заснован врз почит кон секое верско убедување, кон жените бил заснован однос врз начелата на еднаквост и рамноправност, се противставувала на политизацијата во своите редови и на учеството во политиката; кон македонското национално прашање имала негаторски и асимилаторски однос. Властите кон соколството се однесувале како кон значајна организација во реализацијата на својата основна, големодржавна и националистичка политика (ососбено од 1930). ИЗВ.: Душан Станимировиќ, Соколствоу ВардарскојМакедонији–настанакиразвој, Загреб,1986(докторскадисертација). Д. С.