ПОПГЕОРГИЕВ-БЕРОВСКИ, Димитар (Берово, 1840 – с. Долна Грашница, ќустендилско, 19. ⅩⅠⅠ 1907) – национален деец-револуционер, идеен творец, организатор и водач на две македонски востанија (Разловечкото и Кресненското). Се школувал во Берово, во Солун, во Русија (Одеса, 1858–1860, во Духовната академија) и во Србија (Белград, 1861– 1865, во Военото училиште). По завршувањето на Военото училиште (1863) станал подофицер во српската војска. Се вратил во Македонија (есента 1875) во Берово како учител и започнал со национална револуционерна дејност. Ја предводел борбата за отфрлање на црковната власт на грчката Цариградска патријаршија и за обновување на Охридската архиепископија. Организирал бунт во Берово (1874). Во Солун (1875) основал Таен револуционерен комитет за кревање востание. Во с. Разловци (средината на Ⅳ 1876) било одржано советување на кое било донесено решение за кревање востание во Малешевско и оттаму да се шири и да прерасне во општонародно македонско ослободително востание. За главен војвода, водач на востанието, бил избран Димитар Беровски. Востанието било кренато на 8/20. Ⅴ 1876 г. Востаничките акции биле продолжени во Кочанско. Обидот на Беровски Востанието да се прошири од Малешевско во Радовишко и натаму во внатрешноста не успеал. Востанието останало локално, главно на просторот на Малешевско и бргу било задушено. Беровски го зачувал востаничкото јадро (1877 и почетокот на 1878 г.), движејќи се со четата меѓу Пијанечко, Малешевско, Горноџумајско, извршувал повремени напади. Со четата од македонските доброволци во руската армија (И 1878), предводена од Иљо Мар-ков-Малешевски, го разоружале муслиманското население во Пијанечко и во дел од Малешевско, била отстранета османлиската и воспоставена македонска власт што се одржала полни два месеца. Пред настапувањето на османлиските армиски единици Димитар Беровски со четата се повлекол кон Џумајско, во планинската об-ласт Каршијак. Беровски отпатувал во Софија (во почетокот на Ⅹ 1878) за да го информира рускиот губернатор Албин за подготовките за кревање востание во Македонија. Востанието започнало со нападот на османлискиот гарнизон во Кресна (5/17. Џ), со крајна цел ослободување на Македонија и создавање македонска држава. Во ослободеното село Влахи (7. Џ) бил формиран штаб на Македонското востание, Беровски бил избран за началник на штабот, а подоцна било формирано и Полициско началство. На слободната територија била создадена целосно структурирана македонска власт, нормативно уредена со Правила-Устав на Македонскиот востанички комитет. За да го спречи самостојниот развој на Востанието и создавањето македонска држава, бугарскиот фактор организирал ликвидирање на првиот војвода Стојан Карастоилов и отстранување на Димитар Беровски од раководењето со Востанието. Бил повикан во Џумаја и таму затворен (во почетокот на Ⅺ 1878). Ослободен (1. ⅩⅠⅠ), се вратил на слободната востаничка територија. За кусо време воспоставил единство во востаничките редови, Востанието бележело нов подем. Беровски повторно бил тргнат од Востанието (пред крајот на И 1879) и бил задржан во затворот во Џумаја. По Востанието Беровски бил ослободен и со семејството се населил во Бугарија, во ќустендил. По создавањето на МРО соработувал со Делчев во организирањето тајни канали за пренесување оружје и во организирањето на изработката на бомби во Осоговската Планина. Починал во с. Долна Грашница, ќустендилско. ЛИТ.: Љубен Лапе, Разловечкото востание од 1876 година и личноста на неговиот организатор Димитар Попгеоргиев – Беровски, Скопје, 1976; Александар Трајановски, Димитар Попгеоргиев – Беровски, (1840–1907), Штип, 1990; Зб., Димитар Попгеоргиев – Беровски и неговото време, Скопје–Берово, 1991. М. Мин.