ПОГОВОРКА/ПОСЛОВИЦА

ПОГОВОРКА/ПОСЛОВИЦА – краток жанр на усното народно творештво. Таа е одраз на секојдневниот живот на народот, на неговата мудрост и филозофија. Во себе содржи одредено животно искуство и нуди одредени правила на однесување. Во неа се опфатени сите позначајни моменти од животот на човекот, од раѓањето до смртта, така што тука нашле место неговите занимања, алатките и орудијата за работа, како и непосредната околина, космосот, создавањето на светот итн. Како реченица најчесто доаѓа на крајот од одредено кажување и има функција на поента, се користи за да се резимира одредена содржина и да се изведе заклучок, да се сублимира едно животно искуство: Кога ќе се фатиш на орото, ќе си го играш; Руво везир, руво резил; Големата риба малата ја јадит. Во некои примери се користат животните, нивниот говор и особини за да се истакнат некои односи меѓу луѓето, одредени човечки недостатоци и квалитети: Пилето што го напуштило седелото, од него аир немат; Трча како прле пред магаре; Кога ќе се научит куче на касапница, ќе идет секој ден. При пренесувањето од една во друга средина, таа прима одредени специфичности карактеристични за тамошните интерпретатори. Димитар Миладинов (1860) како жанр ја именува пришта: „Една пришта сборвит: Коде текла реката, пак ќе тече“. Понекогаш се користи и римата: ќе му дојт умот, ама ќе сјојт кумот. Стилски се интензивира со метонимијата, алитерацијата, синегдохата, ономатопејата и со други изразни средства. ЛИТ.: Македонски народни умотворби. Пословици, том Ⅳ, книга 1, во редакција на Харалампие Поленаковиќ и Кирил Пенушлиски, Скопје, 1954; Народни пословици и гатанки од Струга и Струшко. Собрал и приредил Филип Каваев, Скопје, 1961; Марко Китевски, За некои кратки говорни народни умотворби од Кумановско, Прилози за македонскиот фолклор, Скопје, 1989; Боне Величковски, Кратките жанрови и детскиот фолклор во Куманово и Кумановско, Фолклорот и етнологијата во Куманово и Кумановско, СкопјеКуманово, 255-289. Б. В. Погодинов псалтир (ⅩⅤⅠⅠⅠ в.)