ПАРЕЊЕ И ВАРЕЊЕ НА ДРВОТО

ПАРЕЊЕ И ВАРЕЊЕ НА ДРВОТО – техники за заштита на дрвото. Со нивна помош се зголемуваат трајноста на дрвото и отпорноста на дрвото на разни видови деструктори. При парењето дрвото се третира со заситена водена пареа, а при варењето дрвото се потопува и се вари во вода. Парењето се применува во следните случаи: за омекнување на дрвото и за промена на неговата боја (доколку се работи за дрвни видови со лажна срцевина), за стерилизација или за отстранување и спречување да се појават грешки во дрвото (доколку дрвото се суши). Варењето се применува во следните случаи: за дрво наменето за производството на фурнири (во најчест случај), за дрво што е многу чувствително на дејството на водената пареа, за дрво што треба делумно да се хидролизира и за многу тврдо дрво. Б. Ил.