МИЛОШЕВСКИ, Тихомир

МИЛОШЕВСКИ, Тихомир (Тиќо) (с. Битуше, Дебарско, 1915 – Скопје, 1. Ⅳ 1984) – генерал-мајор. Завршил средно земјоделско училиште во Валево (Србија) и Воена академија. Како активен офицер на Кралството Југославија, бил припадник на комунистичкото движење. По Априлската војна (1941) се вратил во Македонија и се вклучил во НОД. Бил уапсен и интерниран во Бугарија (до поч. на 1942). По враќањето станал член на КПЈ и на Месниот воен штаб на Скопје (1943). Бил учесник во Февруарскиот поход, командант на Третата македонска НОУ бригада, командант на Третата оперативна зона на НОВ и ПОМ, командант на 41-та (македонска) дивизија на НОВЈ и командант на Петнаесеттиот (македонски) ударен корпус на НОВЈ (од окт. 1944). Со корпусот учествувал во завршните операции за ослободување на Југославија. Бил делегат на Првото заседание на АСНОМ. По Ослободувањето бил командант на наставен центар на ЈА во Белград и началник на штаб на воено подрачје. Прогласен е за народен херој на Југославија. ЛИТ.: Народни херои од Македонија, Скопје, 1970. Вл. Ив. Антонио Милошоски