МЕНАЏМЕНТ

МЕНАЏМЕНТ – универзален процес на ефективно и ефикасно извршување на работата со помош на други луѓе и ангажирање на ресурсите за остварување на однапред дефинираните цели на претпријатието. Првиот елемент се однесува на менаџментот како универзален процес. Менаџментот е универзална активност, бидејќи се однесува за сите видови претпријатија, за сите функции и на сите нивоа во претпријатието. Основниот процес на остварување на работата со помош на другите е ист за сите менаџерски работи, на сите нивоа и во сите претпријатија. Ова не значи дека сите менаџери извршуваат иста работа, или дека за сите се бара иста способност на различни нивоа. Менаџментот во основа е процес на: планирање, организирање, координирање, мотивирање и контролирање на активностите, кои водат кон поефикасно извршување на целите на претпријатието. Вториот елемент го сочинуваат ресурсите, и тоа човечките и материјалните. Од претпријатието се бара висок степен на ефикасност во користењето на човечките и материјалните ресурси. Во суштина, менаџментот постои кога менаџерите се одговорни за ефикасно насочување на човечкиот напор при користењето на материјалните ресурси. Третиот елемент го сочинуваат луѓето, со чиј напор се извршува работата. Со помош на луѓето менаџерите ја извршуваат нивната работа. Четвртиот елемент се однесува на формулирањето и остварувањето на целите на претпријатието со напорот на други луѓе. Менаџментот вклучува координација на човечките и материјалните ресурси во насока на остварување на целите. Напорот на луѓето е насочен кон целите. Целите се потребни бидејќи активностите треба да бидат насочени кон некој сакан краен резултат или состојба. Главна карактеристика на една модерна нација е менаџментот во претпријатијата. Науката за менаџмент е основна карактеристика на индустриското општество. Во практиката тој постои откога постои цивилизацијата. Во модерното економско работење неговото значење е огромно. Инаку, терминот менаџмент има повеќе значења. Прво, тој се употребува за да дефинира широки подрачја на активност. Второ, со него се опишуваат нивоата на авторитетот во рамките на организацијата, односно нивната поделба на врвен менаџмент, среден менаџмент и менаџмент на пониско ниво, според нивниот авторитет. Трето, терминот означува функционален приод што опфаќа: планирање, организирање, координирање, мотивирање и контролирање. Четврто, менаџментот ги опфаќа: вработените, финансиите, материјалите и целите, купувањето и продавањето, методите и постапките, средствата и опремата. Во нашата земја во претходниот општествено-економски и политички систем терминот менаџмент речиси и не се употребуваше, или од идеолошки причини се употребуваше во негативна конотација, во смисла на жигосување на „пројавените тенденции на доминација на менаџерско-технократските структури“. По осамостојувањето на земјата и изградбата на новиот систем, науката за менаџмент доби полно право на граѓанство. Менаџментот и сродните научни дисциплини денес се изучуваат во средните училишта, задолжително на факултетите од економската структура (на додипломските и постдипломските студии), но и на други факултети. Во поново време, бројот на научни и стручни трудови од областа на менаџментот (учебници, статии, магистратури, докторати), подготвени или објавени на македонски јазик, бележи постојан подем. ЛИТ.: Бобек шуклев, Менаџмент, четврто издание, Скопје, 2004. Б. ш.