ЛЕРИН

ЛЕРИН (Флорина) – град во Егејскиот дел на Македонија, Грција, со 15.100 ж. (2002 г.). Се наоѓа на западната страна на Леринско Поле (јужниот крај на Пелагонија), во подножјето на планината Бигла, на надморска висина од околу 700 м. Од македонско-грчката граница е оддалечен 17 км, а со Солун е поврзан со железничка линија и со меѓународниот пат Е–86. До ⅩⅤⅠⅠⅠ в. претставувал ма-ла населба населена со македонско и турско население. При крајот на ⅩⅠⅩ в. К’нчов наведува дека Л. има 9.824 ж., од кои 5.000 Турци, 4.344 Македонци, 300 Албанци, 80 Власи и 20 Евреи. По пописот од 1913 г. се води со 10.155 ж. Потоа во Л. се населиле и околу 1.000 Власи од Битола и околните влашки села. На тој начин во 1920 г. градот нараснал на 12.513 ж. Помеѓу 1920 и 1930 г. кај населението во Л. настануваат значајни етнички промени. Најпрвин во 1922 г. во него се населиле 1.673 бегалци, од кои 730 биле од Кралството на СХС, а 484 од Албанија. Од наредната 1923 г. од Л. се иселуваат во Турција сите муслимани, а на нивно место во 1924 г. се доселуваат околу 2.000 Грци од Мала Азија, Кавказ, Понт и Источна Тракија. Во 1941 г. Л. имал 10.800 ж., од кои 5.900 Македонци, 4000 Грци (сосе Власите гркомани), 500 Власи, 200 Албанци христијани и 200 други жители. Со тоа Л. од македонско-турски станува македонско-грчки град. Потоа, како погранично место, градот долги години стагнира и во 1971 г. (11.164 ж.) има помалку население отколку во 1961 г. (11.933 ж.). Денеска повеќе од половина од населението се Македонци, а другите се потомци на грчки доселеници од Мала Азија, и малку Власи и Албанци христијани. Л. претставува стопански и културно-просветен центар на Леринската област. Има развиено занаетчиство и трговија, а од индустриски објекти, текстилни и прехранбени фабрики. Во градот постои гимназија, земјоделско училиште и педагошка академија. ЛИТ.: Тодор Симовски. Населени места во Егејска Македонија, кн. прва, Скопје, 1978. Ал. Ст.