ИТАЛИЈА Италијанска окупациона војска во Македонија (1941) ИТАЛИЈА И МАКЕДОНИЈА (1876–2008). Италија имала активно учество за решавање на кризата на Балканот (1876/1877), за прашањето за Македонија на Цариградската конференција (1876– 1877) и на Берлинскиот конгрес (1878). Со Берлинскиот договор (1878) османлиската држава била обврзана на Македонија да $ даде статус на автономна провинција уредена со посебен устав според месните услови. По Илинденското востание Италија се застапувала во Македонија да се воведат ефективни реформи. Ја поддржала Програмата за реформи предложена од Австро-Унгарија и од Русија („Мирцштершката програма”), го презела за реформирање Битолскиот вилает, а нејзини-Генералот Де Џорџис от генерал Де Џорџис бил назначен за началник на Жандармеријата во Македонија. Италија (1912) се солидаризирала со сојузените балкански држави во војната со отоманската држава и ја признала поделбата на Македонија со Букурешкиот договор (1913). На Версајската мировна конференција (1919) Италија се застапила за автономија на Македонија во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. По конференцијата, при определувањето на границата на Албанија, Италија издејствувала нејзино проширување со присоединување кон Албанија на дел од Гора, областа Долни Дебар и дел од Прес-па. Во периодот меѓу двете светски војни Италија го поддржувала и го помагала дејствувањето на ВМРО на Тодор Александров и на Иван Михајлов во Вардарскиот дел од Македонија под власта на Југославија и прифатила третман на македонското население во Албанија како бугарско. Таа окупирала дел од Македонија (1941) и извршила нејзина поделба, со што ја присоединила кон Албанија територијата со Струга, Дебар, Гостивар, Кичево и Тетово. По прогласувањето на државната независност на Република Македонија(1991), Италија ја поддржала Грција за спречување на признавањето под историското уставно име и ја признала Република Македонијакако Поранешна Југословенска Република Македонија (ПЈРМ). Но, кај италијанско-македонските врски и односи, исто така треба да се спомне дека во процесот на обединувањето на Италија учествуваат и македонски доброволци (на пр., Димитар Николов од Велес и Ѓорѓи Капчев од Охрид, а бил близок до Гарибалди и Ѓорѓи Динката), по што ексконзулатот на Сардинското Кралство во Солун станува италијански, а во Битола (1895) и Скопје (1902) се отвораат нови италијански конзулати. Интересот на Италија за Македонија значително се зголемува по формирањето на МРО (1893). Македонското националноослободително движење е под силно влијание на италијанското (организациската структура на воените сили на Организацијата), а неговиот идеолог и организатор Гоце Делчев е инспириран од идеите на Манцини. Пред Илинденското востание (февруари 1903) во Милано се формира комитет (Про Армениа е Мацедониа) кој ја популаризира ослободителната борба во Македонија. По Востанието, за команданти на меѓународните воени сили, позиционирани во Македонија, врз основа на Мирцштегската спогодба, се именувани италијанските генерали Гиовани Батиста Емилио де Георгис (19031908) и Марио Николас ди Роблант (1908–1909). На Париската мировна конференција Италија се залага за автономија на делот од Македонија во рамките на Кралството на СХС, на што жестоко се противставува Франција. Оттаму и блиските контакти на претставници на ВМРО со официјални претставници на Владата на Италија во периодот меѓу двете светски војни (воспоставени во 1919 г. во Софија), а во 1921 г. во Рим е формиран Италијанско-македонски комитет; во 1922 г. е назначен претставник на ВМРО во Рим; следува воена и финансиска помош за организирање оружени акции во Вардарскиот дел на Македонија, па политички азил на лидерот на ВМРО Ванчо Михајлов, кој по завршувањето на Втората светска војна живее во Рим. Во Втората светска војна (април 1941 – јули 1941) западниот дел на Македонија е под италијанска окупација. На 18. XI 1991 г. Владата на Р Италија донесува одлука за отворање конзулат во РМ. На 16. Ⅻ 1992 г. за генерален конзул го именува Фаустино Трони. Р Италија ја призна Република Македонијана 8. Ⅳ 1993 г. Дипломатски односи се воспоставуваат на 16. Ⅻ 1993 г. Прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонијаво Р Италија е Виктор Габер. Прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Р Италија во Република Македонијае Фаустино Трони. ИЗВ.: Иван Катарџиев-Аленка Лапе, Италијански дипломатски документи за Македонија, т. 1 кн. 1-1919-1924, т. 2 кн. 21924-1927, ДАРМ, Скопје, 2005. ЛИТ.: Македонија во меѓународните договори, 1, Скопје, 2006; Италијански дипломатски документи за Македонија, 1, 1, Скопје, 2001; Силвио Галон, Политички извештаи на италијанските конзули од Битола (1895–1916), Битола, 2004; Зоран Тодоровски, Врските на ВМРО со Италија, во периодот меѓу двете светски војни, „Гласник” на ИНИ, 40, 2, Скопје, 1996; Ахил Тунте, Република Македонија – прва декада (1990–1999), Скопје, 2005. Т. Петр. и М. Мин.