ИНСТИТУТ ЗА БИОЛОГИЈА

ИНСТИТУТ ЗА БИОЛОГИЈА – постои од 1946 г., со основањето на Природно-математичкиот оддел во рамките на Филозофскиот факултет во Скопје. Во составот на оваа високообразовна и научна институција е до основањето на Природно-математичкиот факултет (1976). Во изминатиот период, Институтот за биологија структурно и организициски се состоеше од три заводи: Завод за ботаника, Зоолошки завод и Завод за физиологија и биохемија. Институтот за биологија беше во состав на Природно-математичкиот оддел, односно на ПМФ до 1976 г. Со универзитетските реформи (1976), Институтот за биологија се трансформира во самостоен Биолошки факултет во рамките на Универзитетскиот центар за биолошко-биотехнички науки при Универзитетот „Кирил и Методиј” во Скопје. Од 1985 г., со процесите на рационализација во виското образование, петте самостојни факултети (Математичкиот, Факултетот за физика, Хемискиот, Биолошкиот и Географскиот) повторно се обединија во ПМФ. Основоположници на наставната и на научната дејност на Институтот за биологија се плејадата познати наставници од повеќе универзитетски центри во тогашната СФРЈ. Денес на Институтот за биологија се вработени 44 лица: 12 редовни професори, 5 вонредни професори, 6 доценти, еден виш научен советник, 6 асистенти и 3 помлади асистенти. Д. Пр.