ИНДУСТРИЈА ЗА БОИ И ЛАКОВИ

ИНДУСТРИЈА ЗА БОИ И ЛАКОВИ – дел од хемиската индустрија. Поголем број фабрики од кои позначајни во Р Македонија се: „Алкалоид” – Профитен центар –„Премази”, „ОХИС”, „Хемик” и „Хест”, сите од Скопје, „Седа” од Прилеп и „Бахем” и „Сахем” од Гостивар. Профитниот центар –„Премази” од „Алкалоид” започнал во 1946 г. како Фабрика за бои и лакови „Пролетер”, а со „Алкалоид” се интегрира во 1977 г. Произведува алкидни и уреаформалдехидни смоли, широка палета на премази, лепила, пластификатори и разредувачи, како и разни помошни средства и додатоци. Производството е ориентирано кон дрвната, градежната и металната индустрија, а носечки производи се: „Дуропал”, „Нитролин”, „Пронал”, „Еконал”, „Каролин”. Работи според ИСО 9001, ДИН и МКС стандарди. „ОХИС” – Скопје, произведува бои и лепила врз база на поливинил ацетат. Св. Х. Ј. – М. Ц.