ЕФИКАСНОСТ

ЕФИКАСНОСТ – еден од основните принципи на економското работење и значаен дел од менаџментот. Ефикасноста е употреба на минимум ресурси (физички, финансиски, материјални, човечки и организациски) за да се произведе саканиот обем на производство. На пр.: ако се добие поголем излез за даден влез, тогаш станува збор за зголемување на ефикасноста. Исто така, ако се оствари ист излез со помал влез, станува збор за зголемување на ефикасноста. Менаџерите се заинтересирани за ефикасно користење на ресурсите и за минимизирање на трошоците. Тие во претпријатието не се заинтересирани само за ефикасноста туку и за ефективноста. Кога менаџерот ќе ги оствари целите на организацијата, за него се вели дека е ефективен. Високиот степен на ефикасност има влијание врз високиот степен на ефективност. Лошиот менанџмент најчесто се должи на неефективноста во остварувањето на целите и на неефикасноста, нерационалното трошење на ресурсите. Ефикасноста на менаџментот е во блиска врска со квалитетот на корпоративното управување – домен во кој Република Македонијае соочена со значајни проблеми. ЛИТ.: Бобек шуклев, Менаџмент, четврто издание, Скопје, 2004. Б. ш.