ДРНКОВ, Благоја (Скопје, 7. Ⅲ 1914) – уметнички фотограф, сценарист, филмски снимател и режисер. Се занимавал со фотографирање уште од детството. Пред Втората светска војна го снимил својот прв филм-репортажа „Католичка процесија” (1935), потоа филмот „Бомбардирањето на Битола” (1939), а по Ослободувањето и првата првомајска парада во Скопје (1945). Бил прв директор на Филмската дирекција на Македонија, а потоа работел во „Вардар филм”, во Етнолошкиот музеј и во Телевизија Скопје. Автор е на поголем број документарни филмови: „На избори”, „Радосно детство” (1950), „Бели штркови” (1959), „Изморениот патник” (1961) и др. Со изложби на фотографии самостојно излагал во Скопје (1955, 1970, 1984, 1991, 1993 и 1998), Париз (1977), Рим (1978), Келн (1979), Франкфурт (1979), Брадфорд (1979), Стокхолм (1982), Истанбул (1992) и во Нирнберг (1993). Од мноштвото фотографии, би ги издвоиле неодминливите: „Бишка” (1935) „Мечтаење во зајдисонце” (1938), „Овчарче” (1946) и „Македонец” (1954). Прогласен е за мајстор на уметничката фотографија од АФИАП и добитник на наградата „11 Октомври„ за животно дело (1994). БИБ.: Мојата Македонија, Скопје, 2004 (фото-албум со 385 фотографии). С. Мл. Дрозд