ГРИЗО, Александар (Солун, ? 1919 – Скопје, 2004) – истакнат универзитетски професор, научник и стопанственик. Гимназија завршил во Битола, а дипломирал и докторирал на Технолошко-металуршкиот факултет во Белград. Неговата педагошка дејност е забележителна на универзитетите во Скопје и во Белград. Бил декан на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, основач на Институтот за хемиско инженерство, основоположник на многу дисциплини и творец на многуброен кадар. Подрачја: технолошки операции, сепарациони и други процеси. Автор на 6 монографии, на учебници и на прирачници. Бил главен инженер, технички директор и советник во поголем број хемиски комбинати, најдолго во „ОХИС” – Скопје. Експерт на УНИДО во Пакистан. Бил потпретседател на Сојузот на хемичарите и технолозите на Југославија. ЛИТ.: 40 години Технолошко-металуршки факултет – Скопје, монографија, ТМФ Скопје, 2000, 111. Св. Х. Ј.