ВЕСНИК

„ВЕСНИК“ (Скопје, 2. Ⅴ – 15. Ⅹ 1942) – неделен весник, илегален орган на МК на КПЈ во Скопје. Бил печатен на циклостил во партиската техника, на 8-10 страници, формат 22 х 21 цм, во тираж од 500-600 примероци. Одговорен уредник била Веселинка Малинска. Објавени се вкупно 9 броја, прва серија бр. 1-7 и втора серија бр. 1-2, од кои само 3 се сочувани. Автори на прилозите се: Цветан Димов, В. Малинска, Перо Наков, Лилјана Чаловска и др. Неговото натамошно излегување било поп-речено со провалата и убиството на народниот херој Ц. Димов. Освен информативни прилози, биле објавувани и статии од општ карактер за мобилизација на населението во НОАВМ.ЛИТ.: Д-р Боро Мокров, Развојот на македонскиот печат и новинарство (од првите почетоци до 1945 година), Скопје, 1980, 410-412; Д-р Боро Мокров – М-р Томе Груевски, Преглед на македонскиот печат (1885-1992), Скопје, 1993, 118-119. С. Мл.