ВАЈУНИТИ

ВАЈУНИТИ – словенско племе, кон крајот на Ⅵ и поч. на Ⅶ в. се населило во Македонија, на териториите западно од Солун, а подоцна во Епир, помеѓу Арта и Јанина. Во сојуз со другите словен-ски племиња учествувале во нападите на Византија (614–616), пустошејќи ги јужните делови на Илирик и егејските острови, како и во нападот на градот Солун (616). Се смета дека областа Вагенетија во Епир според нив го добила името. ЛИТ.: И. Стефоска, Словените на почвата на Македонија (од Ⅶ до почетокот на Ⅹ век), Скопје, 2002; Т. Живковић, Јужни Словени под византијском влашћу (600–1025), Београд, 2002; Ф. Баришић, Чуда Димитрија Солунског као историски извори, Београд, 1953. К. Аџ.