„БИЛТЕН“ . (Скопје, јануари–април 1942) – орган на ПК на КПЈ за Македонија, на македонски јазик. Објавени се само два броја. Првиот број (јануари-февруари) бил печатен на техниката на ПК, а вториот број (март-април) во Печатницата „Гоце Делчев“. Уредник и автор на дел од написите бил Кочо Рацин. Написите информираат за политичката и за воената состојба во светот, со посебна нагласка на борбите на Црвената армија, состојбите во окупирана Македонија и борбата против фашизмот во светот, во Југославија и во Македонија. Во вториот број е објавен и првомајски проглас, со обраќање и до тогашните македонски партизани: „Вие пр-ви со оружје в раце ја поврзавте борбата на македонскиот народ со оружената борба на другите поробени народи против фашизамот… Нека нашата смела оружена борба се распали до степенот на општа оружена борба за изгонуење на окупаторите од Македонија!“ ЛИТ.: Д-р Боро Мокров, Развојот на македонскиот печат и новинарство (од првите почетоци до 1945 година), Скопје, 1980, 424–425; Д-р Боро Мокров – М-р Томе Груевски, Преглед на македонскиот печат (1885–1992), Скопје, 1993, 117. С. Мл.