АНДОНОВСКИ, Томе

АНДОНОВСКИ, Томе (Лазарополе, 5. IX 1940) – географ. Основно и средно образование завршил во Битола, а Природно-математички факултет, (Институт за географија) во 1964 г. во Скопје. Работел како професор по географија во гимназиите во Дебар и во Битола. Во 1971 г. бил примен за асистент на Институтот за географија при ПМФ во Скопје. Во 1977 г. завршил постдипломски студии на Институтот за географија на ПМФ во Белград, а во 1983 г. на Природно-математичТоме Андоновски киот факултет во Скопје ја одбранил докторската дисертација „Кичевската Котлина – геоморфолошки проучувања”. Бил избран за предавач (1977), за доцент (1984), за вонреден професор (1987) и за редовен професор (1992). Предавал математичка географија, геоморфологија и методика на наставата по географија. Бил шеф на Институтот за географија, продекан на ПМФ, претседател на Сојузот на географските здруженија на Република Македонија и генерален секретар на спелеолозите на СФРЈ. Објавил околу 50 научни труда, кои се главно од областа на геоморфологијата. БИБ.: Кичевска Котлина – геоморфолошки проучувања, Природноматематички факултет, Скопје, 1983; Карактеристики на релјефот во Р. Македонија, „Географски разгледи”, кн. 30, Скопје, 1995; Геоморфолошка карта на Р. Македонија, „Географски разгледи”, кн. 32-33, Скопје, 1998.ЛИТ.: Васил Даскаловски, Благоја Маркоски, Проф. д-р Томе Андоновски (по повод шеесет години од животот), „Географски разгледи”, кн. 35, Скопје, 2000. Ал. Ст. Христо Андоновски