ШУМСКО-СТОПАНСКА ПОЛИТИКА

ШУМСКО-СТОПАНСКА ПОЛИТИКА. Во согласност со општествено-политичките односи што владееле во нашата земја, на соодветен начин е креирана и политиката во шумарството. Во периодот 1946–1952 г. политиката беше директно водена од еден центар – Управата за шумарство, во рамките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Потоа беа самостојни претпријатија за стопанисување со шумите (шумски стопанства), во некои места интегрирани со дрвнопреработувачките комбинати, формирани во периодот 1952–1968 г. Сложени работни организации, какви што беа „Треска“, „Црн бор“ и „Јелак“, и мал број самостојни шумски стопанства беа формирани во 1974 г. Со осамостојувањето на РМ се формираа 30 претпријатија во општествена сопственост за стопанисување со шумите, а со донесувањето на сегашниот Закон за шумите (бр. 47/97) е поставена е законската основа за формирање на едно јавно претпријатије за стопанисување со шумите –„Македонски шуми“, управувано од еден центар (дирекција), со 30 негови подружници. Ал. Анд.