ШУКАРОВ, Љубомир Александров (Велес, 2. Ⅹ 1919) – гинеколог-акушер, редовен проф. на Мед. ф. во Скопје. Мед. ф. завршил (1944) во Софија. Специјализирал гинекологија и акушерство (1951) во Загреб и Скопје. Хабилитирал на темата „Проблем на цервицитисот и некои запазувања во врска со интрацервикалната инфилтрација со антибиотици“ (1957). Бил директор на Гинеколошко-акушерската клиника (1968 –1973) и проректор на Унив. „Св. Кирил и Методиј“. Се усовршувал во познати центри во Европа. Промотор е на супспецијалистичката ориентација на Клиниката и вовел нови дијагностички и терапевтски методи што довело до подигнување на стручното ниво, научноистражувачката и публицистичката дејност. З. Џ.