ШИКАРА

ШИКАРА – грмовидно формирана творба, најчесто секундарна, која генетски потекнува од некоја претходно уништена ниска, средна или висока шума. До исчезнување на шумите и појавата на шикарите се доаѓало постепено во долг временски период, како резултат на прекумерни сечи и нерационално стопанисување, перманентно пасење и брстење, шумски пожари, несоодветни законски ограничувања при користењето на шумите и др. По исчезнувањето (сеча) на некогашните шуми, дошло до природна обнова по вегетативен пат, но стоката со постојното брстење на подниците го довршила тоа што го започнал човекот. Дрвјата ја изгубиле својата нормална форма и се претвориле во грмушки. Друга карактеристика на шикарите е што во нив настанала промена на животните услови, што условило промена и на вегетацискиот состав на некогашната шума. Ал. Анд.