ШАРЕНА САЈА

ШАРЕНА САЈА – горна женска облека, составен дел на невестинската носија (од Кумановско). Се носела до првата деценија на минатиот век, до кога се носеле и невестинските шарени, големи кошули. За разлика од белата саја, таа е побогато украсена и дел од украсите шарена саја се дело на терзиите. Декорацијата на сајата е изведена со вез и во комбинација со апликации на алова (црвена) чоја, а поретко, врз црна чоја. Украсувањето е најзастапено на долниот дел од задништето и на долниот дел од скутовите, каде што се навезени по четири квадратни мотиви -колца (кај поновите саи само по две колца). Колцата одоколу се декорирани со поткит (волнени црни китки, познати и како булки) поставени во четириаголник околу мотивот колца. Наоколу од тие мотиви се везат елементите: ќесме, вртунки, навезени со техниката тегељац, со разнобојни конци. По страните на сајата се опшиваат л’ски. Сите тие елементи се поставени на црвена чоја. По шевовите сајата се порабувала со порубњак – украсен шев, а по рабовите се нашивале гајтани. Најчесто се носела за изработка кај терзија. Ј. Р.-П.