ЧАВДАРСКИ, Ванчо

ЧАВДАРСКИ, Ванчо (с. Владимирово, 3. Ⅲ 1930 – Бризбејн, Австралија, 9. Ⅹ 2001) – диригент. Дипломирал диригирање на Белградската музичка академија (проф. Ж. Здравковиќ), а специјализирал во Германија и САД. Добитник е на втора награда на меѓународниот натпревар на млади диригенти во Ливерпул, Англија. Од 1965 до 1970 г. соработувал со ансамблите на Операта и Балетот на МНТ, а во 1992 е уметнички директор на оваа институција. Во периодот од 1965 до 1970 е директор и диригент на Македонската филхармонија. Од 1970 со успех настапувал во странство со постојани ангажмани во Австралија, Јужна Кореја, Нов Зеланд, Тасманија. Гостувал во САД, Венецуела, Италија, Шпанија. Реализирал обемен симфониски, оперски (Аида, Бал под маски, Грабнување од Сарајот, Палјачи, Севилскиот бербер, Веселата вдовица) и балетски репертоар (Жар-птица, Вибрации, Жизела). Ф. М.