ЦРКОВНО-УЧИЛИШНИ ОПШТИНИ ВО МАКЕДОНИЈА

ЦРКОВНО-УЧИЛИШНИ ОПШТИНИ ВО МАКЕДОНИЈА – посебни црковно-просветни и општествени институции, уште од времето на создавањето на првите христијански црковнорелигиозни општини. Во Охридската архиепископија била зачувана нивната извесна црковноопштествена самоуправа во регулирањето на религиозно-просветните, брачно-семејните, имотно-наследните и др. дела. Со укинувањето на Охридската архиепископија (1767) нејзините епархии и црковни општини потпаднале под јурисдикцијата на Цариградската патријаршија. Преку општините бил ширен елинизмот со богослужба и настава на грчки јазик, грчки учебници, литература и ширење на грчкото влијание и култура во Македонија. Во ⅩⅠⅩ в., со појавата и засилувањето на преродбенското движење на економски зајакнатото македонско граѓанство и интелигенцијата, започнал процесот на преземање на постојаните и основање на нови црковноучилишни општини во Македонија. Тие започнале да градат цркви, манастири, народноопштински училишта во кои наставата се изведувала на народниот говорен македонски јазик и бесплатно, а богослужбата на црковнословенски јазик. На тој начин тие се здобиле со типично македонски белези и карактеристики. Осамостоените општини кон средината на втората пол. на ⅩⅠⅩ в. ја презеле целокупната црковно-просветна и општествена дејност од рацете на Патријаршијата. Во новите услови општините ги уредувале училиштата, црквите, манастирите; во нив поставувале учители и свештеници, кои наставата и богослужбата ја изведувале на разбирлив јазик. Дејноста на осамостоените црковно-училишни општини, особено од 60-тите години на ⅩⅠⅩ в., природно водела кон создавање своја народна црква, т.е. возобновување на Охридската архиепископија како македонска национална црква. ЛИТ.: А. Трајановски, Црковно-училишните општини во Македонија, Скопје, 1988. Ал. Тр.