ЦВИИЌ, Јован (Лозница, Србија, 12. Ⅹ 1865 – Белград, 16. И 1927) – српски географ, унив. професор, академик. Основно образование завршил во Лозница, а гимназија во Белград. Дипломирал на Групата за географија на Високата школа во Белград (1888). Една година работел како професор во Втората белградска гимназија, потоа заминал на специјализација на Универзитетот во Виена, каде што докторирал на тема „Дас Карстханомен“ (1893). Истата година бил избран за редовен професор на Високата школа во Белград, на која во прво време предавал географија и етнологија, а потоа само Географија, поточно Геоморфологија. Го основал Географскиот завод (1893) и бил негов управник. Бил претседател на Српското географско друштво, од формирањето па с“ до својата смрт. Бил еден од првите осум редовни професори на Белградскиот универзитет од неговото формирање (1905), а потоа двапати бил негов ректор. Избран е за редовен член на Српската кралска академија (1899), а потоа нејзин претседател (1921–1927). Освен тоа бил и дописен член на Академијата на науките на СССР, член на ЈАЗУ, почесен доктор на Сорбона и на Универзитетот во Прага, почесен член на повеќе географски друштва во светот и носител на англиски, француски и американски медал за научна работа. Научната работа на Ј. Ц. е богата, содржајна и разновидна. Трудовите се однесуваат на геологијата, преку геоморфологијата, хидрологијата, антропогеографијата и етнологијата, до социологијата. Тој дал такви научни резултати за карстот, геологијата, тектониката, глациологијата и релјефот воопшто, со кои влегува во редот на големите светски научници. Во антропогеографијата ја формирал во светот познатата „Цвииќева школа“. Во повеќе трудови разработувал и географска проблематика од Македонија. БИБ.: Неколико проматрања о етнографији Македонских Словена, Београд, 1906; Основе за географију и геологију Македоније и Старе Србије, И, Ⅱ и Ⅲ, Београд, 19061911; Балканско Полуострово и јужнословенске земље, И и Ⅱ, Београд, 1922. Ал. Ст.