ФУРНИРИ

ФУРНИРИ – тенки листови од дрво со еднаква дебелина, изработени од призма од фурнирски трупец или од обло дрво (фурнирски трупец). Тие се изработуваат според технологијата на бичење (режење, пилење), сечење или лупење. Фурнирските листови имаат дебелина од 0,2 до 8,0 мм, најчесто од 0,5 до 3,5 мм. Според положбата на годовите при бичењето и сечењето, фурните се групирани во три групи: блескави (изработени во насока на дрвните зраци), полублескави (изработени приближно во таа насока) и бочници (изработени во насока на тангентата на годовите). Според употребата, сечените и лупените фурнири се групирани во две групи: благородни, наменети за обложување лица на разни видови мебел, за уредување на внатрешни простори (ентериери) и за други цели, при што доаѓаат до израз бојата, текстурата и сјајот на дрвото; конструктивни-слепи, наменети за изработка на фурнирски и столарски плочи, ламелирано дрво, дрвена амбалажа и друго, каде што се користат физичките и механичките особини на фурнирите. Б. Ил.