ФОТЕВ, Методија (с. Љубојно, Преспа, 14. Ⅲ 1932) – современ македонски раскажувач и романсиер, тематски врзан како своевиден хроничар на Преспанскиот регион и за периодот врамен во настаните на Втората светска војна. Си ја пробал среќата и во областа на поезијата, оставајќи траги на неуверлива авантура. Како романсиер го привлекол вниманието на литературната критика и бил предмет на мошне позитивни проучувања, анализи и оценки. Прв попретенциозен заграб во жанрот на романот е неговиот голем роман-хроника „Потомците на Кат“ (1966), со кој се одлепува уште во стартот од амбициозната придружба на врсниците (С. Дракул, М. Јовановски, П. ширилов, Б. Смаќоски, Ј. Стрезовски). Критичките одгласи го дефинираат како силовит и робусен раскажувач, чија нараторска стихија урива с“ пред себе и го слика животот „одвнатре“, без зазор од официјалните резони на постојната идеолошка и естетска доктрина на митот. Многумина од македонските белетристи и пред него и по него се обидоа да го претстават исчезнувањето на македонското село низ забрзаните процеси на сестран распад, но белетристичките сведоштва на Ф. се извишуваат над нивниот просек. Со романите што подоцна следат: „Селани и војници“ (1969), „Големите скитачи“ (1970) и „Неплодна вода“ (1978) авторот системно се доречува како супериорен хроничар на Преспа. Г. Т. Минчо Фотев