ФИТОЦЕНОЛОГИЈА

ФИТОЦЕНОЛОГИЈА – ботаничка наука што ја проучува растителната заедница (фитоценоза) од сите аспекти на современата биологија: морфологија (синморфологија), екологија (синекологија), динамичен развој (синдинамика), историски развој (синхронологија), географско распространување (синхорологија) и систематика и номенклатура (синтаксономија). Бидејќи сите овие науки се однесуваат на фитоценозата австрискиот ботаничар Х. Гамс (1918) ги опфатил под едно име фитоценологија, но почесто се именува фитосоциологија според името што го дал полскиот ботаничар Ј. К. Пацзоскѕ (1896). Во текот на целиот ⅩⅠⅩ в. фитоценологијата се развивала во рамките на фитогеографијата и затоа се именува уште геоботаника. Систематиката на фитоценозите е хиерархиска. Основната систематска единица е асоцијација. Таа се именува така што на коренот на родовото име на главниот вид се додава наставката -етум, повисока систематска единица е сојуз, а наставката што се додава е -ион. Повеќе сојузи се обединуваат во ред, а наставката е -еталиа, и највисоката систематска категорија е класа, а наставката е -етеа. Р. Р.