УНКОВСКИ, Слободан (Скопје, 17. Ⅷ 1948) – режисер. Завршил Театарска академија во Белград, Отсек за режија (1971). Во Драмскиот театар во Скопје работел како драматург и режисер од 1971 г. Од 1990 г. станал редовен професор на ФДУ во Скопје, каде што води класа за театарска режија. Предавал на Отсекот за драма на постдипломските студии по режија на Бруклинскиот колеџ (1987–1988) и на постидпломските студии по режија и актерска игра на Институтот на напредна театарска обука на Харвардскиот универзитет (1988–1989), САД. Бил министер за култура во Владата на Македонија. Има неколку значајни телевизиски режии: „Сослушување на железничарот“; „Подарок“; „Наши години“; „Бушава азбука“ и др.