ТАШЕВА, Марија

ТАШЕВА, Марија (Радовиш, 24. ⅩⅠⅠ 1940) – универзитетски професор, социолог. Основно образование завршила во родното место, а средно во Штип. Завршила Стоматолошки (1964) и Филозофски факултет (1971) во Скопје. Докторирала на Филозофскиот факултет во Скопје, на тема „Концептот на општествената промена и развој во современиот функционализам“ (1991). Асистент на Институтутот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје (1972–1975), асистент, предавач, вонреден и редовен професор во Институтот за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје по предметите историја на социјалните учења и современите теории за етничноста (1975–2005). Била потсекретар за високо образование во Владата на Република Македонија(1999–2002) и претседател на Матичната комисија за формирање на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип (2007). Објавила учебници и поголем број научни трудови од областа на социолошките теории и учења. Нејзина основна преокупација е врската меѓу религијата и политиката. БИБ.: Етничките групи во Македонија – историски контекст, Скопје, 1997; Развој на општествената мисла, Скопје, 2005. ЛИТ.: Филозофски факултет 1920–1946– 2006, Скопје, 2006. Св. ш. Љубомир Ташков и Мирче Кокалевски со макетата на еден пронајдок