СТОПАНИСУВАЊЕ СО ШУМИТЕ

СТОПАНИСУВАЊЕ СО ШУМИТЕ – шумите како национално богатство на РМ, покрај општокорисните функции, имаат и функција да ја обезбедат потребната дрвна маса како енергенс, суровина или за друга намена што произлегува од потребите на населението и на дрвната индустрија. Стопанисувањето со државните шуми за стопанска намена се остварува преку ЈП „Македонски шуми“. Економиката во шумарството се отсликува главно преку работењето на ЈП „Македонски шуми“, затоа што преку 90% од произведената дрвна маса од државните шуми се остварува во ова претпријатие. Користењето на шумите се врши во согласност со предвидените мерки во посебните планови за стопанисување со шумите, кои се подготвени од специјализирана институција за уредување и проектирање на шумите, оценети од стручна комисија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и одобрени од министерот. Во посебните планови за стопанисување со шумите, особено во делот за користењето на шумите, посебно се води сметка да не се наруши природната рамнотежа помеѓу дрвната продукција и дрвната маса што е предвидена за користење. Ал. Анд.