СОБРАНИЕ НА СРМ

СОБРАНИЕ НА СРМ – највисок орган на власта и орган на општественото самоуправување во рамките на правата и должностите на СРМ. Според Уставот на СРМ од 1963 г., Собранието на СРМ е делегатско тело составено од пет собори: Републички, Стопански, Просветно-културен, Социјално-здравствен и Општествено-политички. На изборите одржани во 1963 г. се избрани вкупно 340 делегати, од кои 100 за Републичкиот собор и по 60 за секој собор на работните заедници. Според Уставот на СРМ од 1974 г., Собранието на СРМ е составено од три собора: Собор на здружениот труд, Собор на општините и Општествено-политички собор. На изборите одржани во 1974 г. во Собранието на СРМ се избрани вкупно 236 делегати, од кои во Соборот на здужениот труд 117, во Соборот на општините 59 и во Општествено-политичкиот собор 60. Претседатели на Собранието на СРМ беа: Видое Смилевски (1963–1967), Мито Хаџивасилев (1967–1968), Никола Минчев (1968–1974), Благоја Талевски (1974–1982), Бошко Станковски (1984), Ката Лахтова (1984–1985), Станко Младеновски (1985–1986) и Вулнет Старова (1986–1991). ИЗВ.: Претседатели на Собранието на Република Македонија (1944–2004), Скопје, 2004. ЛИТ.: Светомир шкариќ, Уставно право на СФРЈ, Книга втора, Скопје, 2006. Св. ш.