СКОПСКИ НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛЕН ПАРТИЗАНСКИ ОДРЕД

СКОПСКИ НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛЕН ПАРТИЗАНСКИ ОДРЕД (месноста Чифлик во Скопскиот парк, 22. Ⅷ 1941 – кај с. Злокуќани, Скопско, 2. Ⅺ 1941) – прва партизанска единица на НОБ. Бил формиран по одлуката на илегалното Јунско партиско советување на Скопската организација на КП во Македонија (22. Ⅵ 1941) за почеток на оруженото востание. Одредот бил формиран од 12 или 13 борци, главно од составот на петте дотогашни скопски диверзантски групи. Во неговиот борбен пат му се приклучиле вкупно 42 борци, со мешовит национален состав – Македонци, Срби, Албанци, Турци, Црногорци, Хрвати и Чеси. Веднаш по формирањето Одредот извршил диверзија на рудникот Радуша, по што заминал на пл. Водно, потоа во старата диверзантска база покрај Вардар (9. Ⅸ), па се префрлил на пл. Скопска Црна Гора (10. Ⅸ), каде што престојувал во малата пештера Лазаров Камен кај с. Чучер, Скопско (од 11. Ⅸ – првата половина на септември) и во манастирот „Благовештение„ (18. Ⅸ – средината на октомври). Во месноста Горне Бавче (28. Ⅸ) бил одржан заеднички состанок на активистите на НОД од селата во Скопска Црна Гора, бил формиран првиот македонски Местен НОО во с. Чучер (4. Џ), ги испробале илегално изработените рачни бомби во Скопје, ги испитале објектите на железничката линија во Качаничката Клисура за евентуал-но минирање, убиле еден шумар, воделе борба со бугарската војска во реонот на Ѓорче Петров и ја подготвиле и ја извеле акцијата за ликвидирање на бугарските полициски агенти Мане Мачков и Круме Панков (7. Џ). Во месноста Бела Вода, од десната страна на р. Лепенец, положиле заклетва (18. Џ). Отежнатите услови за дејствување од притисокот на бугарската војска и полиција, суровата окупаторска пресметка со кумановските одреди (Козјачкиот и Карадачкиот) и Првиот прилепски НОПО „Гоце Делчев“, како и претстојната зима, во штабот на Одредот предизвикале колебања во однос на продолжувањето на дејствувањето на Одредот и била донесена одлука да биде расформиран (30. Ⅹ 1941), па илегално влегле и се растуриле низ градот. ЛИТ.: Александар Спасовски, Скопски НОП одред, Београд, 1971; Боро Трајковски, Формирањето на Првиот скопски партизански одред, „13 Ноември“, бр. 10, Скопје, 1973, 11; Скопје во НОВ 1941, Материјали од Научниот собир одржан на 13 и 14 јуни 1972 година во Скопје, Скопје, 1973; Митре Инадески, Првата година на НОВ и Револуцијата, Скопје, 1973; Митре Инадески, Хронологија на Скопје, Скопје, 1974; Стоилко Ивановски, Васил Антевски–Дрен, Скопје, 1981; Крсто Здравковски, Да не се заборави, Споменици и спомен белези од НОВ во Скопје, Скопје, 1982. С. Мл.