СВЕТИ НИКИТА

„СВЕТИ НИКИТА“ – манастирска црква во близина на с. Бањани (Скопско). На постаро култно место во 1307–1308, а според најновите истражувања во 1319–1320 г., со даренијата на српскиот крал Милутин, била изградена црква што има облик на впишан крст во правоаголен простор, со купола врз висок тамбур. Градена е од делкан камен, тули и малтер. Керамопластичната декорација на фасадите е особено застапена при обликувањето на олтарната апсида. Од јужната страна на црквата бил доѕидан параклис, кој подоцна бил урнат. Фрескоживописот во внатрешноста е добро зачуван. Манастирската црква „Св. Никита“, с. Бањани (ⅩⅣ в.) Врз штитот на св. Теодор Тирон, насликан во првата зона, останале зачувани потписите на двајцата прочуени средновековни сликари Михаил и Евтихиј. Тоа се зографите што во 1295 г. го работеле фрескоживописот во црквата „Богородица Перивлептос“ („Св. Климент“) во Охрид, а во 1317 г. големиот ансамбл на живопис во црквата „Св. Ѓорѓи“ во с. Старо Нагоричане (Кумановско). Фрескосликарството во црквата „Св. Никита“, со својот богат иконографски репертоар и со високите ликовни вредности претставува значајно дело во средновековната уметност во Македонија. Меѓу насликаните светители во цел раст, од првата зона, посебно внимание привлекува фигурата на патронот на црквата св. Никита, претставен во панцирна облека, со копје во десната и лак за стрели во левата рака. Од неговата десна страна, како воин во пан-цир и со целосно вооружување, е претставен св. Ѓорѓи, а од левата страна св. Стефан Првомаченик. и од тешка телесна болест, но се-Фреска: „Изгонувањето на трговците од храмот“ во црквата „Св. Никита“, с. Бањани, Скопско (ⅩⅣ в.) Во втората зона особено впечатливи се композициите Изгонувањето на трговците од храмот и Свадбата во Кана Галилејска, а во третата зона сцените од страдањата Христови (Симнувањето Христово од крстот и Погребувањето Христово). Сликарството на двајцата прочуени зографи, споредено со она во црквата „Богородица Перивлептос“ во Охрид, покажува развојна фаза во творештвото на прочуените зографи, во која наместо монументалноста преовладува наративниот карактер на насликаните ликови и композиции. ЛИТ.: В. Петковиђ, Преглед црквених споменика кроз повесницу српског народа, Београд, 1950, 212–213; В. Ј. –уриђ, Византијске фреске у Југославији, Београд, 1974, 50; К. Балабанов, Фреске и иконе у Македонији, Београд–Загреб–Мостар, 1983, 91. К. Б.